На прес-конференција во Техеран претседателот Ахмединеџад изјави дека случајот со иранската нуклеарна програма е затворен.
Тој истакна дека Иран има право да развива нуклеарна енергија и ќе продолжи со тоа и покрај обидите на некои западни земји да го спречат процесот.
Ахмединеџад кажа дека Иран е нуклеарна земја, и дека тоа значи дека го има комплетирано целиот циклус за нуклеарно гориво. Тој кажа и дека извештаите дека Иран ги забавил активностите за збогатување ураниум се неточни. Иранскиот лидер го повтори ставот на неговата влада дека развива нуклеарна технологија за мирољубиви цели, а не за нуклеарно оружје како што САД и некои држави обвинуваат.
Аџмадинеџад рече дека би било нелогично САД да продолжат со планот за етикетирање на Иранската револуционерна гарда како терористичка организација. Тој истакна дека САД знаат дека Иран ќе одговори на тоа, но не појасни како.
Вашингтон ја обвинува Револуционерната гарда дека поддржува тероризам и врши обука на терористи – како во Ирак и Либан, на пример.
На тема Ирак, иранскиот претседател кажа дека неговата земја ја поддржува владата во Багдад и оцени дека ситуација во Ирак станува се` поопасна. Ахмединеџад предупреди од вакуум во управувувањето со земјата, за што рече дека Иран е подготвен да помогне да се пополни.
Вашингтон веќе подолго време го повикува Иран да има попозитивна улога во стабилизирање на Ирак, но стравува дека Техеран ќе биде премногу расположен да пополни евентуална празнина само со цел да го зголеми своето влијание во Ирак и во регионот.