Линкови за пристапност

Врховниот обвинител на САД си даде оставка


„Во неделата, имав средба со претседателот Буш и го информирав за мојата одлука да си заминам од функцијата главен правобранител на САД, почнувајќи од 17 септември, 2007“, изјави Алберто Гонзалес на прес-конференцијата по повод своето повлекување.

Гонзалес не даде конкретна причина за одлуката, а воедно не ја спомена контроверзата со отпуштање на федералните обвинители, поради која со месеци беше на удар на критики на конгресни претставници. Toj само ја искористи приликата да ги пофали вработените во Одделот за правда, а му изрази и благодарност на претседателот Буш за неговата поддршка.

Пријателството меѓу Гонзалес и Буш датира уште од времето кога актуелниот претседател бил гувернер на Тексас. Пред да биде номиниран на функцијата врховен обвинител - инаку првиот латино-Американец на оваа висока позиција - Гонзалес беше правен советник на Белата куќа.

Претседателот Буш стоеше зад Гонзалес кога се најде на удар на Конгресот дека го загубил интегритетот и компетентноста. Буш вака коментираше на неговото повлекување:

-Ова е за жалење. Живееме во време кога талентирана и чесна личност како Алберто Гонзалес е попречена да врши важна работа затоа што неговото име беше извалкано од политички причини.

Оставката дојде во време кога Конгресот ја засили расправата за ситуацијата во Одделот за правда со кој раководи Гонзалес. Законодавците сметаат дека осуммината федерални обвинители пред се` биле отпуштени од политички мотивирани причини. Конгресот воедно води истрага за начинот на кој овој владин оддел раководи со програмата за домашно прислушување, а што се користи за лоцирање на осомничени терористи.

Демократите и некои правни експерти го критикуваа Гонзалес и за тоа што навидум на прво место ја ставил лојалноста кон претседателот Буш пред должноста да го одржува законот во САД.

Лоренс Трајб, професор по уставно право на Универзитетот Харвард вели:

-Тој во голем дел дејствуваше како најмено средство на претседателот отколку како главен задолжен за одржување на законот во земјата.

Гонзалес играше клучна улога во остварувањето на правната подлога на претседателот Буш за војната протв тероризмот, и за тоа доби принание од дел од републиканците. Тој ги зацрта правилата за воени трибунали што се користеа за процеси против осомничени за тероризам во притворниот центар Гвантанамо на Куба. Тоа предизвика реакција кај поборниците за граѓански слободи кои велат дека владата го крши уставот во постапките против осомничените терористи.

Џонатан Тарли е професор по право на Универзитетот Џорџ Вашингтон, тој вели:

-Гонзалес имаше тенденција да гледа на владеењето на правото како на средство за постигнување на други цели. Резултатите се некои навистина шокантни прекршувања на меѓуанродното право и на уставното право.

Демократот Чарлс Шумер, виш член на Сенатската комисија за правосудство вели дека претседателот Буш сега има можност да назначи врховен обвинител кој може да биде вистински лидер:

-За разлика од минатиот пат, претседателот треба да ја избере најдобрата личност за оваа функција, а не неговиот најдобар пријател.

Шумер додаде дека демократите ќе поддржат кандидат кој ќе го стави владеењето на правото пред политичките интереси.

Гонзалес е вториот по ред виш претставник на владата на Буш кој овој месец замина од функцијата. Претходно Белата куќа ја напушти Карл Роув, главниот политички советник на претседателот.

XS
SM
MD
LG