Линкови за пристапност

Лојд: 91 отсто од граѓаните во Македонија се за влез во НАТО


Безбедносните прашања повеќе не се приоритет за граѓаните во Македонија. Има претпазлив оптимизам и последните анкети на ИРИ покажуваат надеж меѓу граѓаните во Македонија за подобар живот – вели Линзи Лојд, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт за Гласот на Америка.

Бројките за поддршка меѓу граѓаните на Македонија за влез во НАТО се импресивни – оцени Лојд од ИРИ:

- 91 процент од анкетираните сметаат дека Македонија треба да стане дел од НАТО. Тоа е голем процент споредено со 2003-та, кога поддршката изнесуваше 75 проценти.„

Тоа е многу поголема поддршка отколку во било која земја - потенцијална членка на Алијансата, смета Лојд.

„Економските и социјалните прашања се многу важни теми за македонските гласачи. При нашите анкети во јуни, 55 проценти се изјаснија дека невработеноста е најголем проблем, но други 15 отсто сметаат дека нискиот животниот стандард им задава најголеми главоболки, смета Лојд.

Според него, високиот рејтинг на премиерот Груевски од 61 процент се должи на неговите ветувања дека ќе се фокусира на економски прашања. - Бројките се уште не ветуваат, но за прв пат по многу години во истражувањата на ИРИ бројот граѓаните што мислат дека работите ќе бидат подобри се зголемува за разлика од оние кои го мислат спротивното, заклучува Лојд.

Македонија се уште минува низ периодот на економска транзиција, вели Лојд и констатира дека граѓаните во земјата имаат претпазлив опмистизам дека работите ќе тргнат во вистинска насока.

Стравувањата на граѓаните за иднината на Македонија стануваат минато, коментира Лојд:

- Интересно е што за многу граѓани од Република Македонија тоа повеќе не е горливо прашање. Со години анкетираме на прашањето – дали Македонија е постабилна земја. Во 2001-ва 83 проценти од испитаниците рекоа дека земјата е понестабилна од порано. Денес 70 отсто граѓани сметаат дека земјата е постабилна или на исто ниво.

Охридскиот договор ја зголеми довербата и безбедносните прашања ги стави во втор план, вели директорот за Европа при ИРИ и додава: - Тоа е добра основа - властите да се фокусираат на економска преродба, унапредување на образовниот систем и модернизирање на здравствената заштита...

XS
SM
MD
LG