Анкетите во САД покажуваат низок рејтинг на претседателот Буш и пад на конзервативните општествени и економски вредности што се заштитен знак на неговата Републиканска партија. Аналитичарите поради ова се прашуваат – дали Америка се врти политички налево?
Приближно еден на тројца Американци сега одобрува работата на претседателот Буш. Политичкиот аналитичар Стивен Хес од Институтот Брукингс вели дека Америка во моментов скромно се врти налево.
Демократите на изборите минатиот ноември презедоа контрола врз обата дома на Конгресот. Но, конзервативецот Гровер Норквист од организацијата Американци за даночни реформи смета дека се` уште е рано да се говори за вртење налево:
-Демократите не победија со изборна платформа за голема влада, повисоки даноци и нови социјални програми.
Наместо тоа, некои аналитичари велат дека заморот во јавноста од војната во Ирак ја намалува поддршката за севкупната политичка платформа на Буш. Анкета на Си-Би-Ес и Њујорк Тајмс покажа дека 9 на секои 10 Американци сакаат големи промени или целосен ремонт на системот на здравствена заштита. Слабее поддршката за општествениот конзерватизам – истражувачкиот центар Пју вели дека има пад во интензитетот на верските убедувања, поголемо прифаќање на хомосекусалците, се` поголем број сакаат владата да се грижи за сиромашните, без оглед дали тоа значи поголеми трошоци. Пју вели дека и половина од Американците сметаат дека постои голема поделеност во економскиот систем на оние кои имаат - и оние кои немаат. Со разлика од 10 проценти, анкетираните сакаат нареден станар на Белата куќа да биде демократ. Па сепак, стручњаците предочуваат дека големите промени во политичката ориентација не се случуваат така брзо, како и дека во САД обично не доаѓа до фундаментални промени при предавањето на власта од една во рацете на друга политичка опција.