Линкови за пристапност

Најголем предизвик за Македонија е да функционира политичкиот систем


За Македонија денес најголем предизвик е да фукционира политичкиот систем, вели Роберт Бенџамин, регионален директор за Централна и источна Европа при непрофитниот Национален демократски институт.

Една работа е да се усвојат законите, но друга е да се спроведат во пракса. Тоа е најголем предизвик за Македонија, смета Бенџамин, кој е оптимист дека земјата ќе ја мине и оваа фаза од демократската транзиција. Каква е Македонија денес, шест години по потпишувањето на Охридскиот договор?

- Македонија е во добра ситуација. Пред шест години, беа поставени нови важни темели. Македонија избегна војна. Беше создаден политички консензус за идното уредување на земјата. Компромисот не беше лесен, но неопходен. Колку повеќе се вклучени луѓето во политичкиот систем, независно од етничката определба или полот, толку тој станува посилен. Поголеми се шансите за социјална кохезија, смета Бенџамин.

Многумина го поврзуваат функционирањето на политичкиот систем во Македонија со меѓуетничките релации, што е особено важно, смета Бенџамин:

- Генерално, Македонија има направено голем напредок кога станува збор за политичките права на малцинските заедници, не само на етничките Албанци, туку и на Србите, Ромите, иако потребно е повеќе да се направи на тоа поле.

Има подобрување на етничките релации во Македонија смета Бенџамин, иако напомена дека минатата година имаше нелагодност во односите власт-опозиција.

Важно е сите во Парламентот да работат на постигнување решенија и компромиси за многу прашања за кои имаат несогласувања. Бојкотите не се добра работа затоа што ги деградираат институциите на системот.

Тој изрази надеж дека проблемите ќе се решаваат во Парламентот, со што политичкото лидерство би можело да продолжи со реформскиот курс на земјата - кон ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG