Невремето сега спадна на најмалата категорија – еден, со ветришта од 165 километри на час и обилни дождови.
Дин допре до Јукатан како најсилното невреме на Атлантикот од 1988-ма – ветришта од над 260 километри на час, со што влезе во најопасната и потенцијално кататсрофална категорија пет. Како што се движеше над копното, така ја губеше јачината.
Американскиот национален центар за урагани предвидува дека невремето до вторник попладне по американско време ќе допре до мексиканскиот залив Кампечи, по што повторно може да добие на сила.
Властите во Мексико и Белизе за секој случај ги евакуираа жителите на малите градови во близина на границата. Мексико вчера стави катанец и на нафтените платформи во близина на своето крајбрежје и евакуираше илјадници туристи од подрачјата опфатени со невремето.
Претходно, Дин однесе два човечки живота на Јамајка и вкупно 11 во регионот на Карибите. Американските сојузни држави Тексас и Луизијана се на штрек од можноста од поројни дождови и ветришта.