Линкови за пристапност

Робокуп - светско првенство во роботски фудбал


Многумина мислат дека роботите може да размислуваат и реагираат како луѓето, како во научно-фантастичните филмови. Неодамнешно натпреварување на американски универзитет покажа дека интелигентните роботи се веќе меѓу нас.

Во гимнастичката сала на Институтот за технологија во Џорџија, Атланта, преку 17.000 средношколци и студенти и нивните ментори ги подготвуваа своите екипи за необичен фудбалски турнир. Играчите се роботи, а турнирот соодветно наречен Робокуп 2007-ма – светско првенство за роботски фудбал.

Роботите во натпреварувањето самостојно се движат, гледаат и шутираат. Не се поврзани со кабли или водени со далечински управувач. Звучи навистина необично дека целта на Робокупот е да се создаде екипа од роботи што до 2050-та ќе стане толку вешта што ќе може да го порази светскиот првак во фудбал – екипата составена од луѓе. Но, Такер Балч, еден од организаторите на Робокупот го очекува токму тоа:

-Одиме чекор по чекор кон целта. Не е потребно да се случи чудо – само треба и натаму континуирано да ги усовршуваме роботите.

Екипи од Јапонија, Германија, САД доминираа на турнирот кога започна пред 10 години, но сега се истакнуваат и други земји:

-Земји како Иран имаат фантастични инженери, но не и најновата компјутерска технологија, камери и слично. Технологијата со која се изградени роботите е можеби малку стара но затоа инженерството и дизајнот се современи и мошне добри.

Иранската екипа во категоријата младинци на овој турнир ја брани титулата шампион. Робокупот 2008-ма ќе се одржи во Шангај, пред почетокот на летните олимписки игри во Пекинг.

XS
SM
MD
LG