Линкови за пристапност

Стејт департментот без коментар на резолуцијата за Македонија поднесена во Сенатот


Заменик-портпаролот Том Кејси на редовниот прес-брифинг во понеделникот кажа дека не е запознат со резолуцијата и дека нема изјава за владината политика во врска со неа, но затоа го повтори владиниот став дека САД ги поддржуваат преговорите во врска со името под посредство на ОН:

-Посекако би сакале да дојде до решение на тоа прашање. Сметаме дека е во интерес на обете земји. Во меѓувреме, би сакале да видиме обете да постапуваат меѓу себе на пристоен и пријателски начин и да се воздржат од секакви постапки што би го отежнале постигнувањето на договор за прашање што е од големо значење за двете земји.

Резолуцијата на 3 август ја поднесе демократот од Њу Џерси Роберт Менендез, а нејзини коспонзори се демократскиот кандидат за претседател, сенаторот Барак Обама од Илиноис, и републиканската сенаторка Олимпија Сноу од Мејн. Таа веднаш по поднесувањето е препратена до Сенатската комисија за надворешни работи и има практично идентична содржина со онаа поднесена во мај во Претставничкиот дом. Резолуцијата бара од Македонија да се придржува до одредбата во Времената спогодба за спречување на, како што се наведува, „непријателски активности и пропаганда“ и да работи со Грција во рамки на ОН на постигнување на заеднички прифатливо решение за името. Во резолуцијата се споменуваат телевизиски извештаи од кои наводно може да се види дека во македонски училишта се предава дека делови од Грција полноправно припаѓаат на Македонија, како и дека прирачникот на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ од 2004-та година „содржи мапи што покажуваат дека Велика Македонија се шири на југ во Грција до Олимп и на исток до Пирин во Бугарија“.

XS
SM
MD
LG