Линкови за пристапност

САД:  70 илјади мостови со структурални пропусти


Трагедијата од минатата недела, кога се урна мост во Минеаполис, сојузната држава Минесота, а во која загинаа пет лица, го сврте вниманието на состојбата на американската транспортна инфраструктура.

Мостот со осум ленти во Минеаполис бил изграден во 1967-ма. Градежните инспектори во деведесетите предочиле на надлежните власти дека тој има структурални пропусти и дека е потребна обемна поправка или изградба на нов. Проценка со иста содржина направила и инспекција на федерално ниво во 2000-та, но инженерите во владата на сојузната држава Минесота велат дека не било планирано мостот да се замени со нов до 2020-та. Надлежните власти одлучиле да прават почести инспекции, наместо поправки.

Националниот одбор за безбедност во сообраќајот веќе поведе истрага за случајот, а одвоена истрага ќе води и владата на Минесота. По мостот со осум ленти на Автопатот број 35 дневно минувале по 141 илјада возила.

Во САД над 70 илјади мостови - или 12 проценти од вкупниот број - се означени дека се со структурални пропусти. Во студијата на Американската армиска инженерија од 2005-та година се вели дека само нивната поправка во наредните 20 години ќе ја чини американската влада 188 милијарди долари. Во Конгресот, пак, велат – трагедијата во Минесота треба да послужи како предупредување. Водачот на сенатското демократско мнозинство, Хари Рид вели:

-Ширум целата земја, инфраструктирата е трошна: автопатишта, мостови, брани. Треба сериозно да се зафатиме со овој проблем.

Федералната влада вети првична помош од пет милиони долари за сојузната држава Минесота.

XS
SM
MD
LG