Линкови за пристапност

Средната класа Американци – далеку од американскиот сон 


Во доба на рекордни профити на големите корпорации, истражувањето на агенцијата Lake Research Partners индицира дека американската средна калса е загрижена за својата економска безбедност. Само 18 проценти од Американците веруваат дека го оствариле „американскиот сон“. Претседателот на агенцијата Селинда Лејк вели - Американците го дефинираат поимот како основна економска сигурност:

-Плата со која би го издржувале семејството, платиле здравствена заштита, оствариле можности за децата, би имале пристојна пензија.

Па сепак, 31 процент од вработените земале кредит за најнеопходни потреби. Во исто време, американските корпорации остваруваат рекордни профити. Според Институтот за економска политика, во 2005-та извршен директор од 500-те најголеми компании во просек заработувал 262 пати повеќе од обичен работник.

Елизабет Џекобс од Институтот Брукингс вели дека вкупното американско богатство минатата деценија нараснало, но средната класа не го добива својот дел од американскиот економски колач.

Џекобс додава дека се` повеќе Американци ги губат работните места поради работна сила од странство и реструктурирање на компаниите. Згора на тоа, трошоците за здравствена заштита растат драматично – според проценките, 46 милиони Американци не се здравствено осигурани.

Џим Келсер од стратешкиот центар за прогресивни прашања Третиот пат смета дека сето ова е нус-продукт на глобалните економски промени, дека трендот нема да запре или успори, и дека на средната класа треба да и` се помогне со тоа што квалитетното високо образование би станало достапно – за сите Американци.

XS
SM
MD
LG