Линкови за пристапност

Јолевски: Буш ја гледа Македонија следната година во НАТО


Македонскиот амбасадор во Вашингтон Зоран Јолевски вчера му ги предаде акредитивните писма на американскиот претседател Џорџ Буш.

- Со каква порака се враќате од средбата со претседателот Буш во Белата куќа и чинот на предавање на акредитивите?

- Претседателот Буш го повтори ставот дека ја гледа Македонија следната година во НАТО. Се осврна дека ја призна Република Македонија под Уставното име. Ми се заблагодари дека македонски војници се рамо до рамо со американските трупи во Ирак, Авганистан и во Босна.

- Каде се насочени вашите главни активности како амбасадор на Македонија во САД?

- Активностите на мојот мандат ќе бидат насочени кон зацрстување на политичките односи со САД. Со посебен акцент за добивање покана за членство во НАТО во 2008-ма. Лобираме во Конгресот, Сенатот, но и меѓу актуелната администрација. Тоа се институците кои ги носат одлуките во САД за тоа кои држави ќе добијат покана.

Јолевски размислува за културна презентација на Македонија во Вашингтон со учество на познати уметници во промоција на македонското културно богатство.

Што може да се направи на економски план?

- Организирање конференција на министрите одговорни за енергетиката во Македонија, Албанија и во Бугарија за придвиживање на проектот АМБО. Имаме цел да се привлечат повеќе заинтересирани инвеститори.

- Планирате ли активности околу обединување на македонската дијаспора?

- Направени се првите чекори за обединување. Не да станат едно, туку да почнат да соработуваат разните организации на македонската дијаспора. За време на неодамнешната посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Вашингтон беа поканети лидерите на сите позначајни организации. За септември е планирана неформална средба во амбасадата на РМ во Вашингтон, со цел да се пронајдат начини за заедничка соработка меѓу нив. Сите се залагаат за просперитетот на Македонија. Иако имаат различни погледи, постои можност за меѓусебна соработка.

- Во презентацијата на Македонија во САД се соочувате со уште еден предизвик – крајно активна амбасада и лоби на Грција. Имате ли активности за против-одговор?

За четири месеци и две недели колку сум во Вашингтон, се сретнав со повеќе од 50-тина сенатори и конгресмени. Моите соработници од амбасадата се доста активни. Остваруваат средби на ниво на стафери на конгресмени и сенатори. Следната недела ќе одржиме брифинг во Конгресот за американско-македонските односи, при што ќе ги информираме останатите сенатори и конгресмени – што прави Македонија како сојузник на САД и кои се нашите достигнувања.

XS
SM
MD
LG