Во говор во државата Јужна Каролина претседателот Буш вчера кажа дека ал-Каида во Ирак била основана од странски терорист, главно раководена од странски терористи и е лојална на бин Ладен.
Тој кажа дека ал-Каида во Ирак и поголемата мрежа на ал-Каида сакаат да го направат Ирак база за нивните терористички операции. Претседателот повтори дека повлекувањето на американските трупи од Ирак би имало катастрофален ефект на САД.
Господинот Буш рече дека е „погрешна логика“ ако се каже дека војната во Ирак довела до зголемен тероризам, што ќе рече повеќе терористички напади на американски цели споредено со времето пред инвазијата во 2003. Тој кажа дека ал-Каида останува определена повторно да ги нападне САД.
Во други вести, ревидиран американски план предвидува дека трупите во Ирак ќе останат најмалку до 2009.
Весникот „Њујорк Тајмс“ за прв пат ги објави плановите во изданието од вторникот, и тие повикуваат на обновување на локалната безбедност, вклучувајќи го и Багдад, до отприлика ова време следната година, и во целата земја до средината на 2009.
Планот, познат како Заеднички план за кампања, бил развиен од главниот американски командант во Ирак, генералот Дејвид Петреус, и американскиот амбасадор во Ирак, Рајан Крокер.
Генералот Петреус и амбасадорот Крокер треба да го брифираат Конгресот во септември за нивната оценка на војната. Претседателот Буш ги повика законодавците да почекаат до септември пред да донесат одлука за Ирак.
Сенатските Републиканци минатата недела ја блокираа легислативата со која се бараше повлекување на американсите борбени трупи од Ирак до април 2008.