Пратениците на „Фронтот за согласност“ вчера се вратија во собраниските клупи. Тие во јуни го напуштија парламентот откако Махмуд ал-Машадани доби отказ на функцијата претседател на ова тело.
Парламентот го отстрани ал-Машадани отккако тој се препирал со шиитски колега и го обвинувал.
Селим Абдула Џабури, портпарол на „Фронтот за согласност“, вели дека групата го прекинала бојкотот откако за тоа примила повици и добила поддршка од другите политички групи.
Раководителот на групата, Аднан ал-Дулаими пред парламентарците истакна дека меѓу нив мора да постои соработка за да ги решат проблемите на државата и да им служат на потребите на народот.
Групата „Фронт за согласност“ има 44 од 275-те пратенички места и нејзиното отсуство во голема мера придонесе за парализа на работата на парламентот.
До враќањето на групата доаѓа само на два дена откако и шиитските парламентарци лојални на радикалниот свештеник Моктада ал-Садр го прекинаа бојкотот на парламентот. Тие се вратија на работа откако беше постигнат договор за реконструкција на шиитското светилиште во Самара, што беше драстично оштетено во два одвоени бомбашки напада оваа и минатата година.
Враќањето на сунитските и шиитските парламентарци во собраниските клупи ги зголемува надежите за усвојување на клучните закони чија цел е промоција на националното помирување. Меѓу нив се контроверзните предлози за поделба на нафтеното богатство, како и легислативата за враќање во јавниот живот на бившите членови на партијата Баат на некогашниот ирачки претседател Садам Хусеин.