Линкови за пристапност

Груевски, Миловановиќ и Фуере за политичкиот дијалог


Се надеваме дека в понеделник, спикерот на Парламентот ќе ја закаже седницата, на која уште еднаш ќе имаме можност на јавна сцена да кажеме што разговаравме со ДУИ. Вака премиерот и претседател на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски ја коментираше иницијативата на група пратеници на посебна собраниска седница тој и лидерот на ДУИ Али Ахмети да кажат што договориле надвор од институциите.

„Долго време ги повикувавме, се обидувавме да стапиме во контакт со нив, а тие бегаа од вистината и се криеја“, вели Груевски.

-Сакам да им се заблагодарам на иницијаторите на седницата. Од разговорите со ДУИ излеговме со три усогласености - а тоа е дека 45 закони треба да влезат во деловникот и да се гласаат со двојно мнозинство во иднина, дека треба закон за Комитетот за етнички заедници и дека ќе има една промена во Комитетот, еден претставник од власта ќе излезе и еден претставник од опозицијата, од македонскиот дел, ќе влезе. За тие три работи имаме согласност. Некои тоа го нарекуваат договор, како сакаат нека го нарекуваат. Ние тоа го нарекуваме усна согласност, така што тоа е тоа што ќе им го кажеме таму.

Политичките разговори да продолжат онаму каде што им е местото- во Парламентот, порача денеска и амбасадорката на САД во Македонија Џилиен Миловановиќ. Таа потврдува дека Груевски и Ахмети се договориле за три работи, како што вели усно, но и усниот договор е договор, вели американскиот дипломат.

-Мислам дека нема криза во македонската политика. Мислам дека сите полтички партии се решени да работат за успех на демократијата. Важно е да продолжат политичките разговори меѓу партиите, посебно да продолжат полтичките разговори што беа започнати помеѓу премиерот и Ахмети, на 29 мај. Ова е устен договор, тоа често се повторува, но усниот договор сепак е договор. И како што претходно беше кажано, договорено е да се работи на три елементи, кои што ги спомена премиерот. Исто така е договорено неколку работни групи да продолжат со разговорите во оние области каде што немаше постигнато договор или заклучок. Затоа е важно, кога веќе е постигнат устен договор, тој да се почитува. Во исто време, сметам дека е многу важно да се користи и секој друг механизам, вклучувајќи ги и лидерските средби, па дури и можноста за вклучување на претседателот во нив, онаму каде што тој има своја улога. Овие нешта се исклучително важни и не се работи или за едното или за другото. Се што придонесува кон македонската демократија и за разговори за доброто на Македонија е важно и се што е договорено на највисоко ниво треба да се почитува.

Европретставникот во Македонија Ерван Фуере пак ги повикува партиите да престанат со политичките игри, посебно ДУИ, советувајќи ги да се откажат од идејата за напуштање на Парламентот.

- Веруваме дека доколку ДУИ го напушти Парламентот тоа ќе биде најлошата можна порака што партијата и земјата ќе ја испратат до ЕУ. Тоа ќе демонстрира дека институциите не се способни да функционираат. Затоа апелираме до сите политички партии да престанат со политичките игри и да работат на суштинските реформи, неопходни за приближување на земјата до ЕУ, вели Фуере.

XS
SM
MD
LG