Линкови за пристапност

Планот за повлекување на американските сили од Ирак не успеа да се најде на гласање во Сенатот


Планот на демократите - за повлекување на американските сили од Ирак до април наредната година - не мина на пробното гласање во американскиот Сенат. Гласањето за тоа дали планот да се најде на дневен ред уследи по маратонска седница што ја свикаа демократите во вторникот, во обид да извршат притисок врз републиканците да го поддржат повлекувањето.

Се гласаше за тоа дали да се ограничи времето за дебата и дали предлогот за повлекување на американските војници да се најде на конечно гласање. 52-ца сенатори гласаа „за“, 47 „против“, но тоа не беше доволно, бидејќи беа потребни најмалку 60 гласа предлогот да остане во процедура. Гласањето главно беше по партиски линии.

Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот,

Хари Рид рече дека републиканците ја избрале погрешната страна:

- Тие избраа да застанат зад претседателот во овој трагичен неуспех со кој тој раководи.

Противниците на планот за повлекување на американските војници од Ирак практично го повторија ставот на Белата куќа, повикувајќи ги законодавците да ја почекаат најновата оценка на безбедносната ситуација до септември, кога за неа главниот американски командат во оваа земја, генералот Дејвид Петреус, ќе го брифира Конгресот.

Мич Меконел, влијателен републикански сенатор од сојузната држава Кентаки, вели:

- Дајте им на генералот Петраус и на американскиот амбасадор во Ирак, Рајан Крокер уште 60 дена да го подготват извештајот. Со тоа ќе му дадеме барем три месеци шанса на безбедносниот план во Багдад да профункционира, бидејќи практично започнавме да го спроведуваме од минатиот месец.

Но сенаторот Џек Рид, демократ од Роуд Ајленд и главен иницијатор на планот за повлекување, спори вака:

- Колку повеќе чекаме, толку повеќе ќе опаѓа поддршката во јавноста и ќе има се помалку можности да се избегне уште похаотична прераспределба на силите.

Според планот на Рид, предложен во вид на амандман на предлог-законот за одбрамбени трошоци, американските војници би започнале да се повлекуваат од Ирак за 120 дена и процесот би завршил до април наредната година. Откако предлогот за повлекување не се најде на конечно гласање, лидерот на демократското мнозинство во Сенатот Хари Рид на извесно време го повлече предлог-законот за одбрамбени трошоци, заедно со сродните амандмани во врска со Ирак. Тој сепак вети дека ќе се навраќа на ова прашање се` додека Конгресот не гласа за промена на американскиот курс во Ирак.

XS
SM
MD
LG