Њујорк се приклучи на се` поголемата листа на градови кои ги поттикнуваат Американците да не употребуваат вода во шишиња. Проблемот не е во водата, туку во пластичните шишиња во кои се пакува.
Американците се навикнати на вода што се продава во пластична амбалажа. Но, тоа започна негативно да се одразува на животната средина. Само минатата година, Американците консумирале вода од преку 30 милијарди шишиња, од кои 80 проценти завршиле во депонија. Ако се нареди по површината на земјата, оваа неразградлива пластика ќе ја обиколи планетата повеќе од 150 пати.
Затоа Солт Лејк Сити забрани употреба на вода во шишиња на неодамнешниот џез фестивал што се одржа под отворено небо. По налог на градоначалникот Роки Андерсон, се служеше обична, студена вода во чаши што може да се преработат.
- Треба да се ослободиме лоши навики по средината навики и да се вратиме на пиење вода од чешма, вели првиот човек на Солт Лејк Сити.
Постои раширено мислење дека водата во пластични шишиња е подобра од онаа од чешма, но стручњаците велат – тоа не е точно. Марк Пасторе, сопственик на угледен ресторан во Сан Франциско појде чекор подалеку - ја отстрани пакуваната вода од менито:
- Ми изгледа глупаво да служиме таква вода, кога имаме убава, обична.
Стручњаците наведуваат и друга причина да се премине на обична вода. Водата увезена од Франција, на пример, патува преку 8.000 километри пред да стигне во Чикаго. Многумина велат - тоа е непотребно трошење на гориво и пари.