Линкови за пристапност

Буш во извештајот за Ирак: може и мора да победиме


Претседателот, смета дека има напредок во безбедноста на Ирак и дека тоа ќе отвори пат за прогрес и на политичкиот фронт:

- Знам дека некои во Вашингтон сакаат веднаш да заминеме од Ирак. Да започнеме да се повлекуваме пред нашите армиски команданти да ни кажат дека сме подготвени - е опасно.

Извештајот наведува дека постигнат е задоволителен напредок во 8 од 18-те цели, незадоволителни резултати во други 8 и половични во два. Има мал напредок во неколку клучни политички прашања, како на пример поделбата на нафтениот приход и политичкото помирување. Претседателот Буш коментираше:

- Оние кои веруваат дека борбата во Ирак е загубена најверојатно ќе посочат на незадоволителниот учинок во некои од политичките цели. Оние меѓу нас, пак, кои веруваат дека битката во Ирак може и мора да биде добиена, гледаат на задоволителниот учинок на некои од безбедносните цели како на причина за оптимизам.

Од неодамна, на критиката на адреса на претседателот поради испраќањето дополнителни војници во Ирак се приклучува растечки број на членови на неговата Републиканска партија.

Демократите во Сенатот денеска ги повикаа Републиканците да ја поддржат мерката - што планираат да ја претстават - за целосна реформа на американската мисија во Ирак. Таканаречениот амандман Рид-Левин, поднесен од овие законодавци, предвидува пренасочување на сегашната борбена мисија на силите, нивно ограничување на контра-разузнавачки операции, заштита на американските интереси и обука на ирачки војници.

Буш на прес-конференцијата во Белата куќа подвлече дека извештајот е прелиминарен и оти тој ќе почека на проценката на ситуацијата во септември, за да види дали треба да ја преразгледа својата тековна стратегија.

Прашан за новите проценки за закана од тероризам, претседателот Буш ги отфрли новинските извештаи дека Ал-Каида сега е доволно зајакнала, како и пред 11-ти септември, иако рече дека нема сомневање дека таа се` уште претставува опасност:

- Поради мерките што ги презедовме, Ал-Каида денес е послаба од порано. Таа се` уште претставува закана. Се` уште е опасна. Затоа е важно да успееме во Авганистан и Ирак и секаде каде што ќе најдеме нејзини припадници.

До новата проценка на терористичката закана дојде откако директорот за домашна безбедност Мајкл Чертоф неделава изјави дека има претчуство оти САД се соочени со зголемена можност од терористички напад во наредните неколку месеци. Белата куќа, пак, соопшти дека нема веродостојни, конкретни разузнавачки податоци што би сугерирале итна закана. Претседателот Буш кажа дека кога ќе постои таква закана, тој веднаш ќе ги извести Американците за истото.

XS
SM
MD
LG