Линкови за пристапност

Претседателот Буш ја намали казната за Либи


Во изјавата објавена доцна синоќа, американскиот претседател наведува дека се решил на таков чекор бидејќи затворската казна на Либи била преголема. Републиканците го поздравија потегот, но затоа демократите гневно реагираа. Водачот на демократското мнозинство во Сенатот Хари Рид кажа дека се работи за срамно ублажување на казната.

Практично се работи за ублажување, а не за целосно помилување, бидејќи без оглед на тоа Либи нема да појде в затвор, тој сепак ќе мора да ја плати паричната казна од 250 илјади долари што беше дел од пресудата и ќе биде условно на слобода во наредните две години. Претседателот Буш нешто подоцна има законска можност целосно да го помилува Либи.

Поранешниот шеф на Кабинетот на потпретседателот Дик Чејни беше осуден за виновен во март за лажни изјави пред големата порота што го истражуваше случајот со откривање на идентитетот на тајниот агент на ЦИА Валери Плејм во медиумите. Валери Плејм е сопруга на поранешниот амбасадор Џозеф Вилсон, инаку истакнат критичар на администрацијата на претседателот Буш во врска со причините за инвазијата врз Ирак.

XS
SM
MD
LG