Линкови за пристапност

Сенатот не даде зелено светло за предлог-имиграционите реформи


Американскиот Сенат уште еднаш го блокираше предлог-пакетот за реформа на имиграционите закони, нанесувајќи му со тоа удар на претседателот Буш кој ова прашање го смета за еден од приоритетите до крајот на својот мандат. 46 сенатори беа за, но 53 беа против да се ограничи дебатата и предлог-пакетот да се стави на конечно гласање. Според правилата, потребни се 60 од вкупно стоте гласа во ова тело за да се мине на гласање.

Пакетот имиграциони реформи предвидува зајакната гранична безбедност, привремена програма за работници-гости, а дава и можност 12-те милиони илегални имигранти - колку што се проценува дека се наоѓаат во САД во моментов, да добијат легален статус доколку исполнат прецизно одредени услови и критериуми.

Сенаторот Тед Кенеди е еден од главните поддржувачи на законот:

- Од година во година имаме порозни граници, експлоатацијата на работници, гледаме луѓе кои жевеат во страв во рамки на нашите граници. Ова е можност за промени. Сега е вистинското време.

Неговиот апел не беше доволен да се придобијат опонентите, од кои повеќето доаѓаат од Републиканската партија на претседателот Буш. Тие тврдат дека предложената регулатива не ги штити доволно американските граници и дека со ветувањето за државјанство практично ги наградува имигрантите кои дошле во земјата илегално. Но и многу демократи, како и нивните симпатизери во трудовите синдикати, беа против мерката бидејќи сметаат дека предложената програма за привремени работници од странство ќе содаде поткласа на ефтина работна сила во САД.

Пакетот претходно запна во Сенатот минатиот месец, а повторно се најде на дневен ред по интензивно лобирање на претседателот.

Претседателот Буш вака реагираше на веста дека мерката повторно беше блокирана во Сенатот:

- Законското регулирање на имиграцијата е една од главните грижи на американскиот народ и неуспехот на Конгресот да постапи по ова прашање претставува разочарување.

Поддржувачите на мерката најавуваат дека ќе се обидат уште еднаш да ја вратат во живот. Но, со фактот дека кампањата за претседателските избори 2008-ма ќе започне да се интензивира уште кон крајот на оваа година, многумина законодавци сметаат дека вжештената партиска атмосфера ќе придонесе ова прашање да се разреши дури откако новиот претседател ќе стапи на функцијата во јануари 2009-та.

XS
SM
MD
LG