Жестока дебата, обвинувања, процедурални забелешки, реплики и паузи. Недостасуваше уште физичка пресметка. Вака изгледаше вчерашното продолжение на дебатата за новиот собраниски деловник, што по повеќе од шест месеци се врати во Собранието. Наместо да продолжат онаму каде што застанаа, за тоа дали е потребно ограничување на дискусиите или не, пратениците вчерашната седница ја посветија на тоа дали ова значи спроведување на договорот помеѓу ВМРО - ДПМНЕ и ДУИ.
ДУИ уште веднаш побара предлог-деловникот да се повлече и да се почитува договорот постигнат со ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ е неприфатливо со комисиите да се претседава на албански јазик, а од ВМРО ДПМНЕ уверуваат дека договорот со ДУИ ќе се почитува и во деловникот ќе се вметнат 46 –те закони што ќе се носат со бадентерово мнозинство.
Но, најжестока дебата имаше меѓу претставниците на етнички албанските партии - кој повеќе направил за поширока употреба на албанскиот јазик.
- Ова што вие го правите не е во интерес ниту на Македонците, ниту во интерес на Албанците. Вие, господа, проблемите ги ставате под тепих, а не ги решавате. И тоа ќе донесе нови проблеми.
- Четири години бевте на власт и ништо не направивте за Охридскиот рамковен договор, а уште помалку за албанскиот јазик. Како група сте се занимавале со мафијашки работи, со убиства, со кражби со лоповлуци, велат Рафиз Алити од ДУИ и Ружди Матоши од ДПА.
Дофрлувањето од место го натера спикерот на Парламентот да ја даде првата пауза, испровоциран од комуникацијата помеѓу Адбуљади Вејсели од ПДП и Никола Поповски од СДСМ.
- Г-дин Никола, може да траеш и да молчиш и кога ќе ти дојде редот да дојдеш тука. Помина тоа време кога можеше да владееш.... Пауза 15 минути...
По паузата, дебата продолжи со исто темпо. Но овојпат за тоа има или не договор помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.
-Ние нема да подджриме само за да бидеме дел од она што е договорено помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
-Ова е договор помеѓу Груевски и Али Ахмети, вие сте вовлечени во тој договор и вие треба да си го спроведете, велат Роза Топузовска Каревска и Славица Грковска.
На обидот за реплика од страна од пратеничката Грковска, за кое спикерот Љубиша Георгиевски оцени дека е незаконско, тој побара да и` биде исклучен микрофонот. На ова реагираше нејзиниот сопартиец Борис Кондарко, кој оцени дека се работи за обид за замолчување на опозицијата.