Линкови за пристапност

Средба Црвенковски- Путин


Нивото на руските инвестиции во Македонија, во споредба со другите земји во регионот е неоправдано ниско. Оваа порака македонскиот претседател Бранко Црвенковски вчера му ја пренел на шефот на Руската федерација Владимир Путин, од кого побарал да влијае врз руските инвеститори да ја вметнат и Македонија во својата карта. Според Црвенковски, се очекува главната руска инвестиција во Македонија да биде во областа на гасификацијата.

- Побарав од претседателот Путин да го искористи своето влијание кај руските компании и да ги анимира за поголемо присуство во секторот на енергетиката во РМ. Меѓу другото, посебно сме заинтересирани за учество на руските компании во гасификацијата на државата како и за изградба на транзитни гасоводи кон Албанија, Косово и Јужна Србија. Претседателот Путин изрази голем интерес за овој проект.

Ова е само една од темите на која шефот на македонската држава разговарал со лидерот на една од најмоќните држави во светот, на маргините на регионалниот самит за енергетика што вчера се одржа во Загреб.

Неизбежна тема бил и статусот на Косово. Во денешната официјална изјава на претседателот Црвенковски во врска со средбата со Путин, тој рече дека му го пренел македонскиот став со поддршка на планот на посредникот Ахтисари, како легална рамка за трајно решавање на проблемот, веќе прифатен од меѓународната заедница, укажувајќи дека како земја-кандидат за членство во НАТО и во ЕУ, Македонија е заинтересирана прашањето на Косово да биде решено со резолуција на Советот за безбендост на ОН. Сепак, претседателот Црвенковски вели оти посочил оти Македонија по ова прашање ќе го чека исходот од средбата Буш- Путин.

- Изразив надеж дека на претстојната средба помеѓу претседателите Буш и Путин ќе се наиде на заеднички прифатливо решение со кое ќе се овозможи донесување резолуција во СБ на ОН.

Рускиот претседател, пак, го објаснил ставот на неговата држава за неменување на границите и евентуалните негативни последици во другите региони доколку Косово не остане макар и формално дел до Србија, што е и причина за руското вето во Советот за безбедност.

За Македонија, вели Црвенковски, прашањето на статусот на Косово сепак останува прашање што треба да го решат Белград и Приштина и меѓународната заедница, но многу е важно, вели тој, меѓународниот фактор да има целосна контрола врз ситуацијата на Косово, и воена и административна.

XS
SM
MD
LG