Линкови за пристапност

Во Париз договор за идните мерки за Дарфур, но без клучните инстанци


Францускиот претседател Никола Саркози ја започна конференцијата со драматичен повик, порачувајќи им на делегациите од преку 15 земји дека „тишината убива“, како и дека меѓународната заедница мора да каже – „што е доста – доста е“.

Но, на крајот делегатите немаа што многу да објават. Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер кажа дека делегациите ја афирмирале поддршката за постојните иницијативи, меѓу кои и предвидената заедничка мировна мисија на Африканската унија и Обединетите нации, како и обидот да се издејствува политички договор меѓу Картум и бунтовничките групи.

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс предочи дека САД ќе продолжат да вршат притисок за санкции против Судан:

- Не може повеќе да дозволиме ситуација во Дарфур во која се прават договори, а потоа не се почитуваат. САД ќе продолжат да инсистираат дека мора да има последици по Судан дококу не ги почитува преземените обврски.

На средбата беа дадени и нешто дополнителни средства хуманитарна помош. Франција вети нови 13 милиони долари, а Европската унија 36.

Инстанците најдиректно вклучени во конфликтот во Дарфур не беа на конференцијата. Судан не беше повикан, а членовите на Африканската унија одбија да присуствуваат.

XS
SM
MD
LG