Линкови за пристапност

Глобалната епидемија на дрога е под контрола


ОН велат дека се зголемува бројот на доказите оти епидемичната употреба на дрога во светот е ставена под контрола. Во овогодишниот Светки извештај за дрогата, ОН подвлекуваат дека постојат значителни и позитивни промени на светските пазари за дрога и оти нивната злоупотреба е забавена.

Според извештајот на ОН, глобалните пазари за нелегални дроги во 2005 и 2006 се стабилизирале во голема мера, како и дека одгледувањето, производството и употребата на дрогите како кокаинот, хероинот, потоа канабисот и амфетамините се чини дека е доведено под контрола.

Во документот на светската организација стои и дека одгледувањето на кокаинот во земјите на Андите е во опаѓање поттикнато од значително помалата побарувачка на оваа дрога во Колумбија. Во извештајот се вели и дека глобалната побарувачка за кокаинот е стабализирана, но дека трендот на намалување во САД се коси со алармантното зголемување на побарувачката во одредени европски земји.

Во годишниот извештај на ОН за дрогата се наведува и дека производството и употребата на амфетамините е намалена за прв пат во неколку години, но глобалното производство и употреба на канабисот е зголемена.

Иако ова се добри вести, ОН потенцираат дека огромните проблеми со злоупотребата на нелегалните дроги и натаму се актуелни и дека сегашната ситуација може многу лесно да се влоши.

Додека одгледувањето на опиум според ОН е во опаѓање во Мајнмар, Лаос и остатокот од светот, тоа во 2006 е значително е зголемено во Авганистан. Главниот автор на извештајот, Томас Пицман, вели дека јужната провинција Хелманд, која во голем дел ја контролира Талебан, е на работ да стане најголемиот снабдувач на дрога во светот:

-Гледаме мошне тесна поврзаност меѓу производството на дрога и бунтовништвото од една и безбедноста или недостатокот на безбедноста од друга страна. Очигледно е дека оригиналната стратегија на сојузничките сили за игнорирање на одгледувањето на афионот, не беше успешна бидејќи креираше финансиски приходи кои бунтовниците ги користеа за свои операции и станаа уште повлијателни.

Според извештајот на ОН, вредноста на пазарот на незаконски дроги годишно достигнува цифра од 322 милијарди долари. Африка според документот, е погодена со тоа што шверцерите трагаат по нови рути, а меѓу нив се шверцерите на кокаин од Колумбија и на хероин од Авганистан.

Томас Пицман оваа ситуација ја опишува како алармантна, бидејќи Африка е сиромашен континент и не може да се справи со напливот на злоупотреба на дрогата и зависноста од неа.

Според извештајот на ОН, агенциите за спроведување на законот биле успешни во напорите проблемот со употребата на хероинот и кокаинот да биде ставена под контрола. Истовремено, велат од ОН, во светот постојат 25 милиони корисници на дрога и дека треба да се посвети поголемо внимание на превенцијата и третманот за оваа појава.

XS
SM
MD
LG