Линкови за пристапност

Ирак: самоубиствени напади, американско-ирачка операција во Дијала


Бомбаш-самоубиец вчера во хотелот Мансур во централниот дел на Багдад усмртил 12 лица - четири од нив племенски лидери на сунитите. Во градот Баици, бомбаш-самоубиец удрил со цистерна во полициска станица при што загинале најмалку 15 лица. Осум биле убиени во самоубиствен бомбашки напад врз канцелариите на гувернерот во местото Хила, јужно од Багдад, населено претежно со шиити. Во Мосул на север на земјата, пак, во експлозија на автомобил-бомба загинало најмалку едно лице.

Во немирната провинција Дијала, американските и ирачките веќе една недела вршат операција за искоренување на милитантите од Ал-Каида кои дојдоа во провиницијата откако беше засилена безбедноста во Багдад.

Бригадниот генерал Џон Беднарек на новинарите во Багдад преку видео-врска од Дијала им изјави дека има напредок во акцијата:

- Убивме голем број припадници на Ал-Каида, веројатно помалку од 100-тина од тврдокорните борци во западниот дел на Бакуба. Приведовме приближно ист број.

Генералот вели дека локалните жители дале информации што довеле до пронаоѓање на складирано оружје и приведување на 70-тина лица, како и ужасни откритија:

- Простории за мачење, знаци на насилство со ножеви, крвави траги, плитки гробови каде е закопано локално население, во дворовите зад куќите.

Беднарек тврди дека за само една седмица, безбедноста во Бакуба е подобрена до таков степен што во градот започнал да се враќа нормалниот живот.

Армиски лица очекуват операцијата во Бакуба да трае околу два месеци.

XS
SM
MD
LG