Американскиот претседател стави вето на предлог-закон што би ги олеснил ограничувањата врз федералното финансирање на научни истражувања на матични клетки од ембриони.
На посебна церемонија во Белата куќа по повод ставањето вето, тој истакна дека уништувањето на човечки животи, во надеж дека ќе се сочуваат човечки животи, не е етички и не е единствената опција.
Поборниците за истражувања на ембрионални матични клетки веруваат дека тоа може да помогне во лекувањето на дијабетис, Алцхајмеровата болест и редица други заболувања. Но, противниците, меѓу кои и американскиот претседател, тврдат дека тоа е неморално, бидејќи процесот вклучува уништување на потенцијален човечки живот со користењето на ембриони во истражувањата. Џорџ Буш ги ограничи федералните средства за вакви истражувања кон крајот на 2001-ва.
Мерката на која Буш стави вето претходно мина во Претставничкиот дом и Сенатот, но не со мнозинство што би го отстранило ветото на претседателот.