Линкови за пристапност

САД и Израел го поддржуваат палестинскиот претседател


Американскиот претседател Џорџ Буш и израелскиот премиер Ехуд Олмерт го поддржаа палестинскиот претседател и прв човек на движењето Фатах, Махмуд Абас, откако ја распушти владата на национално единство под водство на исламистичката милитантна група Хамас, а по еднонеделни борби меѓу овие палестински фракции. Фатах ја задржа контролата на Западниот Брег, додека Хамас го држи Појасот Газа.

Буш кажа дека со Олмерт делат иста визија што води кон независна палестинска држава, напоредно со Израел, како и дека таа визија се темели на помошта за палестинските умерени сили, предводени од претседателот Абас:

- Тој е избран. Тој е претседател. Второ, ние увидовме дека Хамас ја нападна владата на национално единство. Хамас избра насилство.

Хамас победи на демократски избори минатата година. Меѓутоа, претседателот Буш вели дека лидерите на Хамас го изиграле палестинскиот народ со тоа што иницираа насилство во Појасот Газа, што пак доведе до тоа Абас да ја распушти старата и да назначи нова влада.

САД и ЕУ веднаш ја поддржаа новата влада, објавувајќи крај на економското и политичко ембарго што стапи во сила откако Хамас победи на изборите.

Израелскиот премиер е подготвен повторно да се сретне со палестинскиот претседател, но затоа не кажа дали е подготвен да ги заживее мировните разговори со Палестинците што пропаднаа во 2000-та:

- Мојата идеја е да разговарам со него за актуелни прашања што може да ни помогне да го подобриме животот на луѓето и да им пружиме поголема безбедност на Западниот Брег, како и да ги споделам со него напорите за борба против тероризмот.

Откако Хамас ја презеде контролата врз Газа, Израел ги затвори граничните премини кон овој појас, што доведе до стравувања од хуманитарна криза. Олмерт подвлече дека Израел ќе продолжи да обезбедува се` што е потребно за да се задоволат хуманитарните потреби.

Хамас одбива да го признае Израел и да се ткаже од насилството. Израел, САД и ЕУ го сметаат Хамас за терористичка организација. Најголем дел од неговата поддршка доаѓа од Сирија.

Буш и Олмерт во белата куќа разговарале и за тоа како да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Буш кажа дека тоа „сериозна закана“ по безбедноста на Блискиот Исток и дека ќе продолжи да работи со сојузниците на зајакнување на економските санкции.

Иран на обвинувањата одговара дека произведува збогатен ураниум исклучиво за мирнодопски, цивилни потреби.

XS
SM
MD
LG