Собранието на Република Македонија едногласно усвои Декларација за барање подршка за прием на Македонија во НАТО. Предлог-декларацијата беше поднесена од пратеникот Ѓорги Оровчанец, со барање Владата да ги
забрза реформските процеси за побрз прием на Македонија во НАТО.
- Ние на некој начин сме дел од НАТО, придонесуваме за одржување на меѓународниот мир. На овој
начин ја определуваме нашата цврста волја за соработка со нашите сојузници. НАТО е сигурност,
гаранција, стандарди и потреба, но и почеток на преговори за влез на Македонија во ЕУ, изјави
пратеникот Оровчанец, образложувајќи ја својата иницијатива.
За владеачката ВМРО-ДПМНЕ, со декларацијата ќе се постигнат повеќе политички цели.
- На овој начин ќе се реафирмира цврстиот став на Македонија за полноправно членство во НАТО. Усвојувањето на декларацијата ќе значи дополнителна обврска за институците во Македонија да ги завршат потребните обврски за Македонија да ги исполни потребните критериуми за во 2008 година да добиеме покана за во НАТО, кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски.
Опозициониот СДСМ деларацијата ја подржа со намера таа да значи откажување на сите политички несогласувања. Според нив, политичките партии треба да се обединат со цел влез во НАТО.