Македонија е првата држава во која ја направив мојата прва меѓународна средба. Благодарни сме за поддршката на планот на Марти Ахтисари за Косово.
Ова го изјави косовскиот министер за полиција Блерим Кучи, по денешната
Средба со македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
-Како што знаете, Косово се наоѓа во фазата на одредување на статусот, во финалната фаза на одредување на статусот. Ова е заеднички предизвик во однос на стабилноста на целиот регион. Безбедноста во Македонија како и на Косово не може да се дели. Состојбата на Косово зависи од одредувањето на статусот, но и од самата форма на статусот. Ние сме и благодарни на Македонија за поддршката на планот на Ахтисари.
Според министерката Јанкуловска, исклучително важно за периодот што претстои е што Кучи ја посетил Македонија. На тој начин двете министерства ќе постигнат поголема координација за справување со евентуалните проблеми:
-Утврдивме дека постојат области во кои ние заеднички мора да работиме, а тоа е заеднички надзор на државната граница, заеднички патроли кои постојано ќе ја надгледуваат границата и постојано ќе разменуваат информации од безбендосен карактер, да ја унапредиме соработката во борбата против криминалот, бидејќи во услови на глобализација напорите кои ги правиме на национален план не се доволни доколку не постои регионална соработка.
Косовскиот министер најавува дека по Македонија следуваат посети и на другите држави кои го поддржуваат планот на Ахтисари. Следната дестинација е Црна Гора.