Линкови за пристапност

Одмазднички напади во Ирак по експлозиите во џамијата во Самара


Властите соопштија дека биле нападнати неколку џамии на Сунитите, откако вчера лица за кои се смета дека се милитанти на Ал-Каида извршија напад врз големото светилиште на Шиитите – џамијата во Самара.

Ирачкиот премиер Нури ал-Малики нареди засилување на безбедноста на сите верски објекти во земјата, а беше воспостваен полициски час во Багдад и Самара.

Нападот врз џамијата во Самара минатата година го разгоре секташкото насилство во Ирак.

Претседателот Буш го осуди вчерашниот напад, велејќи дека е очигледно со цел да предизвика секташка напнатост во Ирак.

Во вчера објавен извештај на Пентагон, пак, се заклучува дека насилството во Ирак нараснало, и покрај зголемувањето на американските сили во Багдад од почетокот на годинава.

Извештајот опфаќа тримесечен период - меѓу февруари и мај - кога беше испратен првиот контингент од речиси 30-те илјади американски војници, со задача да го смират секташкото насилство. Иако насилството се намалило во Багдад и покраината Анбар, тоа нараснало во областите околу Багдад, како и во покраините Нинива и Дијала.

Пентагон соопшти дека просечниот број на цивилни жртви дневно во Ирак ја минал границата од 100. Бројот на самоубиствени напади ширум Багдад исто така се удвоил, од 26 во јануари на 58 во април.

Во извештајот се тврди и дека ирачките лидери не ги исполниле ветувањата дека ќе ги запрат политичките попречувања на безбедносните операции, како и дека ќе го искоренат секташкото влијание во ирачката полиција и армиските сили.

XS
SM
MD
LG