Линкови за пристапност

Извештај за трговија со луѓе – Македонија не ги исполнува во целост стандардите


„Македонската влада не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но сепак вложува значителни напори во справувањето со овој проблем“, се наведува во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за трговија со луѓе, во делот посветен за Македонија.

Меѓу 164-те опфатени земји, Македонија е во втората од трите групи земји и во неа се наоѓа веќе трета година по ред.

За земјата се наведува дека е извор, транзитно подрачје, и, поретко, крајна дестинација за трговија со жени и деца за комерцијална сексуална експлоатација. Со македонските жени и девојки, се додава во документот, се тргува во рамки на територијата на земјата и тоа од источните рурални места во делови во западна Македонија, со цел сексуално да се експлоатираат. Некои од жртвите потекнуваат од Молдавија, Албанија и во одредени случаи од други источно-европски земји. Други жртви преку Македонија се пренесуваат во Србија, Црна Гора, Албанија и Западна Европа, се вели во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за трговијата со луѓе.

Македонското раководство во 2006 година постигнало значителен напредок во сузбивањето на трговијата со луѓе, особено преку соработка со агенциите за спроведување на законот во соседните земји, се вели во овој документ. Македонскиот државен врв воедно се советува да ги зголеми напорите во едуцирање на надлежните во правење разлика меѓу трговија и шверц со луѓе, да преземе чекори кон соодветна осуда на сторителите на овие дела, како и интензивирање на напорите за гонење и осуда на јавните личности кои профитираат или се вмешани во овие активности.

Владата на Македонија преку специјални истражни мерки и во соработка со владите на Албанија и Грција, судски гонела и придонела во изрекување на затворска казна во три големи случаи на трговија со луѓе. Сепак, и покрај успесите како овие, наведува Стејт департментот, судството и натаму претставува најслабата алка во борбата против ова зло, особено со видливи процедурални грешки и доцнења за продолжувањата на одредени постапки. Бројот на осудени за трговија со луѓе и натаму е на ниско ниво, а во 2006 повторно се забележани случаи на корупција во судството.

Позитивни оценки за македонската влада во извештајот доаѓаат и за нејзините „значителни напори за подобрување на заштитата на жртвите на трговија со луѓе, преку нивно охрабрување за учество во истрагата и судските постапки“. Во извештајот на американската влада стои и дека Владата на Република Македонија вложила и во превенцијата на трговијата со луѓе.

Целта на Годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за трговија со луѓе е да го привлече светското внимание на овој проблем на ропство во денешни дни, како и на ургентната потреба за негово елиминирање.

XS
SM
MD
LG