На прес-конференцијата во Софија со бугарскиот колега Георги Прванов на крајот на осумдневната европска турнеја, Џорџ Буш уште еднаш ја повика Русија да соработува во развивањето на систем за противракетна одбрана во Европа. Русија е енергично против американскиот план за инсталирање на системот во Полска и Чешката Република, нарекувајќи го почеток на нова трка во вооружување. Па сепак, на минатоноделната средба на Групата осум најразвиени земји во Германија, Буш и рускиот претседател Владимир Путин се согласија да воспостават работна група на оваа тема.
На тема Косово, како и при посетата на Албанија, Буш повтори дека сега е време за независност на покраината.
„Америка верува дека Косово треба да биде независно. Побарав совет од бугарскиот претседател и едно од нештата што јасно ги предочи, а со што сум согласен, е дека во време кога бараме независност за Косово, на Србија треба да им укажеме дека постои начин да се тргне напред, можеби во НАТО, можеби во ЕУ, и дефинитивно во подобри односи со САД“, порача првиот човек на САД.
Српскиот премиер Војислав Коштуница кажа дека неговата земја е запрепастена од американската поддршка за Косово. Во остро срочената изјава, тој подвлече дека САД мора да најдат поинаков начин да ја покажат својата „наклонетост и љубов за косовските Албанци од тоа да им нудат српски територии“. Коштуница додаде дека Србија ќе одбие и поништи каква и да е` форма на независност на Косово.
Буш во Софија и` оддаде признание на Бугарија за учество во армиските операции во Ирак и Авганистан.
Бугарскиот претседател му се заблагодари на својот гостин за американската поддршка во случајот со петте бугарски медицински сестри осудени на смрт во Либија клако и за помошта во модернизација на армиските сили.