Линкови за пристапност

60 години од Маршаловиот план


Беше 1947-ма, две години по завршувањето на Втората светска војна. Европските градови беа руинирани. Царуваше глад. Ослободена од нацистите, на Западна Европа и се закануваше опасност дека ќе западне во хаос.

Д-р Лари Бленд е историчар во фондацијата Џорџ Маршал:

-Главната мотивација за Маршаловиот план беше стравот од хаос во Западна Европа. Можевте да го видите ова кога одевте на кино секој викенд или на почетокот на вестите. Изгладнетите жени и деца влијаеа врз американските срца. Истовремено, моќта на Комунистичката партија во земји како Франција и Италија почна да станува мошне загрижувачка.

Комунистичките партии беа влијателни во Франција и Италија. Источна Европа беше окупирана од советската армија, постоеше масовна невработеност. Европската индустрија беше во застој. Веднаш откако обезбеди итна помош во храна и лекови, американскиот Маршалов план се фокусираше на економските тешкотии. Од тоа, први плодовите ги искусија рудниците за јаглен, без што фабриките и водениците немаше никогаш да профункционираат, а Европа никогаш немаше да се опорави.

-Проблемот беше во тоа што јагленот во Западна Европа доаѓаше од германските рудници кои или беа поплавени или бомбардирани. Германците не можеа да ги отворат овие рудници, а Американците понудија соодветна опрема. Така, Германците го ископуваа јагленот, а САД го извлекуваа, помагаа во обнова на домовите на работниците и во вакцинирање против туберколоза – вели Д-р Лари Бленд.

САД воедно им помогнаа на Европејците, германскиот јаглен да почне да се пренесува и во други земји на континент, за да се обезбеди греење, а фабриките повторно да проработат.

САД авторизираа 13 милијарди долари помош во период од четири години, што е еквивалентно на стотици милијарди долари што денеска им се нудат на преку 16 земји во светот.

Своевремено Винстон Черчил Маршаловиот план го нарече најдарежливиот акт во човечката историја. Опоравокот од најдеструктивната војна во историјата беше неверојатен. Бруто домашниот производ во Европа порасна за 32 процента во текот на четирите години помош преку планот, а сето тоа резултираше со долгорочен економски бум и претставуваше основа на она што сега е ЕУ.

XS
SM
MD
LG