Линкови за пристапност

Американската имиграциона служба ги зголемува сумите за апликација


За новодојденците, без оглед дали легално или не, цената да се оствари американскиот сон само ќе оди нагоре. Американската имиграциона служба ги удвојува, а во одредени случаи и за три пат ги зголемува сумите за апликација. Почнувајќи од 30 јули за да се аплицира за постојан престој во САД ќе чини 1.000 долари, а за државјанство околу 600 долари.

Кристал Вилијамс заменик директор на Американската адвокатска асоцијација што се занимава со имиграциони прашања вели:

-1.000 долари по семејство при аплицирање за постојан престој, ќе придонесе многумина од имигрантите и натаму да не го обелоденуваат својот статус.

Вилијамс додава дека новиот износ на наплатите ќе значи огромен финансиски товар и ќе присили безброј посиромашни имигранти да го одложат аплицирањето за регулирање на статусот, а многумина и комплетно да се откажат.

Но од Имиграционата служба подвлекуваат дека на агенцијата не и се достапни федерални фондови и трошоците ги подмирува исклучително од наплатите за апликациите. Ова е портпаролот на службата, Крис Бентли:

-Разбираме дека со секое зголемување на износот, се јавува финансиски товар. Сепак, за да обезбедиме првокласна услуга и за навремено да ги исполниме обврските за оние кои заслужуваат, едноставно ни се потребни ресурси.

Бентли додава дека исклучок за овие наплати ќе бидат бегалците и оние кои бараат азил во САД, а некои износи ќе бидат намалени за одредени семејства кои се наоѓаат во мошне тешка економска ситуација.

Според Доналд Кервин од Католичката легална имиграциона мрежа, доколку Имиграционата служба е зависна од наплатите за апликации, тогаш треба да се воведат измени во американскиот систем.

-Државјанството е национално добро. Битно е за нашата земја. Затоа, сметаме дека за да го подобриме системот, да го намалиме доцнењето во процесирање на апликациите и да ја подобриме технологијата за таа намена, потребни се соодветни федерални фондови.

Во меѓувреме, одредени членови во Конгресот велат дека би било погрешно финансискиот товар да биде ставен на американските даночни обврзници. Според Стив Кинг, републикански конгресмен од Ајова на пример, новите наплати и натаму се далеку пониски од сумата што илегалните имигранти вообичаено ја плаќаат на оние кои им помагаат да ја минат мексиканско – американската граница.

Од друга страна, поборниците за имиграциони права тврдат дека сегашното зголемување на наплатата е значително поголемо споредено со кои било претходни поскапувања. Тие додаваат и дека во последниве неколку децении забележан е помал процент на имигранти кои вообичаено би требало да аплицираат за американско државјанство.

XS
SM
MD
LG