Линкови за пристапност

САД воведе нови санкции кон Судан


Претседателот Буш рече дека геноцидот во Дарфур мора да запре:

-Премногу долго време луѓето во Дарфур страдаат од влада која е инволвирана во бомбашки напади, убиства и силувања на недолжни цивили.

Во невообичаено рано јавно појавување од Белата куќа, претседателот најави поригорозни економски санкции на САД врз Судан. Тој рече дека Американците ќе бидат инстриурани да ги прекинат трговските врски со 31-на компанија кои имаат блиски врски со суданската влада, вклучувајќи и некои инволвирани во растечкиот бизнис со нафта во земјата.

Буш рече дека американските санкции се насочени врз одредени поединци кои се одговорни за насилствата:

-Со санкциите тие личности нема да имаат пристап до американскиот финансиски пазар, ќе им биде забрането да вршат бизнис со било кој американски државјанин или компанија, а со нив ќе се привлече вниманието на светот за нивните злосторства.

Во истовреме, САД ќе работат со сојузниците за претставување на нова предлог-резолуција во Советот за безбедност на ОН со цел да се зголеми меѓународниот притисок врз суданските лидери:

-Ќе се воведе проширување на ембаргото за продажба на оружје на владата во Судан. Ќе им се забрани на властите да вршат офанзивни воени летови врз Дарфур. Ќе се зајакне нашата можност за надгледување на ситуацијата и за известување доколку се прекрши резолуцијата.

Генералниот секретар на ОН се надева дека ќе ја увери суданската влада да им дозволи на меѓународните мировници да влезат во Дарфур, со цел да се зајакне улогата на африканските сили. Буш и суданскиот претседател Омар ал Башир заземаа различен курс:

-Потезите на претседателот Башир во изминатите недели продолжија да бидат ветувања за соработка додека истовремено бара нови методи за опструкција.

Судан веднаш ги осуди новите акции наредени од претседателот Буш и ги окарактеризира санкциите како неправедни. Исто така уследи жестока негативна реакција од Кина – постојана членка на ОН и главен конзумент на суданската нафта.

Повеќе од 200.000 луѓе загинаа во Дарфур, а повеќе од два милиони се раселени од 2003-та, кога бунтовниците кренаа востание против владините сили. САД злосторствата врз цивилите го нарекоа „геноцид“ во 2004-та.

XS
SM
MD
LG