Линкови за пристапност

Македонско вино на аукција во француската амбасада во Вашингтон


Во француската амбасада во Вашингтон викендов, 4-та година по ред беше организирана традиционалната дегустација и аукција на вина. Годинава за прв пат, пред многубројните гости, дипломати и љубителите на виното се претстави и – Македонија. Таму беше Јане Бојаџиевски.

И годинава, место каде се дегустира и купува сортно вино од разни делови од светот е француската амбасада во Вашингтон.

Во релаксирана атмосфера, гостите уживаа во вкусовите, разговараа за подрачјата од каде доаѓа пијалокот во чашите. Годинава за прв пат, меѓу присутните дипломати, љубители на виното, и производители се претстави и Македонија. Интересот беше извонреден за домашните Карабет Севињон, Вранец, Мерлот, Темјаника... кои винаријата Тиквеш специјално ги испрати за манифестацијата во главниот град на САД. Се работело за ограничена и специјална продукција на вина, произведени на сончевото подрачје на Македонија.

Амбасадорот на Република Македонија во Вашингтон, Зоран Јолевски истакна:

„Со оваа активност планираме да започнеме процес на презентација на македонското вино во САД, при што ќе оствариме контакти со најголемите дистибутери на вино. Планираме заедно со винарската индустрија од Македонија во специјализираните списанијата во Америка за вино и храна да објавиме серија прилози за нашето подрачје и видот на грозјето кое се одгледува. Наша цел е до крајот на годинава, барем еден вид вино да влезе во големите синџири на продажба од типот на Вол-март и Сејф-веј.

Крајна цел е, рече амбасадорот Јолевски, зголемување на извозот во САД, затоа што се работи за голем пазар кој нуди можност за голем профит.

На аукцијата на вина, круна на вечерта беше црното трпезното вино од Тиквеш од 1982 година. Се продаде за 129 долари од пасиониран обожавател на вина, кој купи и други видови од македонското подрачје.

Освен од Македонија, како земји производители на вина се претставија и Јапонија, Молдавија, Шпанија, Италија, Нов Зеланд, Франција.

Собраните средства од аукцијата на вина во француската амбасада во Вашингтон, Ротари клубот ќе ги донира за добротворни цели. Македонија најави учество и во следните аукции и дегустации на вина од домашно производство.

XS
SM
MD
LG