Линкови за пристапност

Рајс и Путин се согласија да ја намалат напнатоста и жестоката реторика


Секретарот Рајс по разговорите со претседателот Путин изјави дека и натаму има разлики околу најспорното прашање меѓу САД и Русија - планот на Вашингтон за изградба на против-ракетен штит во Централна и Источна Европа.

Рајс кажа дека САД се определени да работат со Русија со цел да ја намалат загриженоста на Москва дека системот претставува ризик по руската национална безбедност. Во исто време, Рајс остана на американскиот став дека Вашингтон има право да развие таков систем што ќе ги брани и САД и Европа, вклучувајќи ја и Русија:

-Не верувам дека некој очекува САД да дозволат некакво вето на американските национални интереси. Но, ние сакаме да го реализираме системот на кооперативен начин. Најдобар начин е тоа да се стори преку поформална, структурна соработка.

Рајс додаде дека САД планираат да споделат повеќе детали за планот за противракетна одбрана. Вашингтон тврди дека системот, што треба да биде инсталиран во Полска и Чешката Република, ќе ги штити САД и сојузниците од ракетен напад од Иран. Руски претставници се загрижени дека тој подоцна би се проширил во Централна и Источна Европа. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кажа дека се водела искрена и пријателска дикусија, но дека ставот на Москва останува ист.

За Косово, иако имаше поголеми надежи, сепак немаше знаци на некаков поголем напредок. Русија има резерви во однос на поддршката на планот на ОН што предвидува надгледувана независност за отцепената српска покраина.

И покрај неуспехот да се надминат клучните пречки, Рајс е оптимист за американско-руските односи:

-Не сакам да го загубиме значителниот степен на соработка за бројни прашања. Прежешката реторика е особено штетна, затоа што го затскрива фактот дека за дел од најчувствителните прашања - неширењето на оружје, нуклеарниот тероризам, борбата против тероризмот, размената на разузнавачки информации и соработката на прашања како Иран или Северна Коререја – имаме мошне добри односи.

Рајс изрази и надеж дека повеќе ќе нема жестоки напади врз САД, како оној на претседателот Путин кој во говор за надворешната политика годинава во Германија ги обвини САД дека причинуваат светот да стане поопасно место за живеење.

XS
SM
MD
LG