Линкови за пристапност

Стејт департментот најави директни разговори со Иран посветени на стабилизацијата на Ирак 


Во Стејт департментот истакнуваат дека немаат преголеми очекувања и дека средбите ќе бидат испит за искажаниот ирански интерес – Ирак да биде стабилен сосед.

Спогодбата за директна дискусија била постигната во неформалниот американско-ирански контакт на маргините на министерската конференција на ирачките соседи и светските сили порано месецов во Египет.

Иако земјите немаат дипломатски односи, владата на претседателот Буш од 2005-та повторува дека преку својот амбасадор во Багдад е подготвена за разговор со Иран, но само на тема Ирак.

Заменик-портпаролот на Стејт департментот Том Кејси не даде детали за претстојната дискусија освен што кажа дека ја очекува во наредните неколку недели. Таа ќе покаже колку се веродостојни иранските најави дека Техеран е заинтересиран да помогне во постигнувањето мир и стабилност во Ирак, вели Кејси:

-Никој не видел конзистентност меѓу иранската реторика и постапките. Реториката постојано е дека сакаат да помогнат на премиерот Малики и ирачката влада. За жал, постапките – преку натамошното обезбедување на импровизирани експлозивни направи, преку поддршка за милициите и други нешта – не соодветствува со реториката. Ова ќе биде уште една можност, како и на конференцијата, да се разговара за некои од тие проблеми, и да видиме дали има промена во однесувањето.

Односите беа прекинати по иранската исламска револуција во 1979-та година и заземањето на американската амбасада во Техеран од страна на студенти - радикали кои повеќе од една година држеа како заложници преку 50 американски дипломати и официјални лица. Па сепак, дипломатите во текот на сиве овие години имаа повремени контакти, како на пример разговорите за Авганистан, што ги водеше поранешниот американски пратеник во Кабул, а сега амбасадор во ОН Залмај Калилзад.

Американскиот државен секетар Кондолиза Рајс има кажано дека САД се подготвени за отворена политичка дискусија со Иран на други теми освен Ирак, но само доколку Техеран запре со нуклеарниот процес на производство на збогатен ураниум, согласно резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Згора на тоа, двопартиската Бејкер-Хамилтон советодавна комисија за Ирак кон крајот на минатата година предложи американската влада да започне дијалог и со Иран, и со Сирија, во врска со Ирак.

Поранешниот демократски конгресмен Ли Хамилтон ја поздрави најавата за дијалог. Но, поранешниот претставник на владата на претсдателот Буш – Ричард Перл, кој сега работи во конзервативниот институт Американ ентерпрајз, смета дека таа е лекомислена како и дека во регионот ќе биде примена како знак на американската слабост.

XS
SM
MD
LG