Линкови за пристапност

Тројца од уапсените во САД што планирале напад врз армиска база се етнички Албанци од Македонија


Тројца од шестмината уапсени во САД и обвинети дека планирале да нападнат војници во армиската база Форт Дикс во сојузната држава Њу Џерси, се етнички албански браќа, родени во Македонија.

Роднините интервјуирани во Дебар изразија гнев и неверица дека тројцата сакале да ги нападнат САД. Роднините рекоа и дека се благодарни на САД за поддршката за време на војните во Косово и Македонија. Браќата Дритан, Шаин и Ељвир Дука биле илегални имигранти.

Уште еден од осомничените е роден на просторите на поранешна Југославија, еден во Турција, а друг во Јордан.

Шестмината пред Окружниот суд во Камден, сојузната држава Њу Џерси се обвинети дека планирале да влезат во армиската база и со помош на автоматско оружје да убијат што е можно повеќе војници

На прес-конференцијата во вторникот американскиот обвинител Кристофер Кристи рече дека нема докази дека шесторицата биле директно поврзани со некоја терористичка организација, но тој верува дека тие биле инспирирани од меѓународни терористички и џихадистички групи. Кристи верува и дека уапсените имале сопствена ќелија, и дека тоа претставува нов вид на тероризам. Тој ги опиша како „екстремисти“.

Тие биле уапсени во понеделникот откако се обиделе да купат автоматско оружје од продавач кој тајно соработувал со федералните власти. Во истрагата заедно учествувале федералните и локалните власти.

Федералното истражно биро ја следело групата 16 месеци откако еден граѓанин доставил информација за неа. Кристи рече дека групата ги снимала своите вежбовни активности, на кои извикувале џихадистички слогани и пукале од автоматско оружје. Снимката ја однеле во продавница, за да направат копија на це-де. Вработен во продавницата веднаш го известил Федералното истражно биро.

XS
SM
MD
LG