Линкови за пристапност

Лица родени во поранешна Југославија се теретат дека планирале терористички напад


Шест лица, за кои федералните обвинители велат дека се исламски радикали, денес треба да се појават пред американски окружен суд во местото Камден, сојузната држава Њу Џерси, под обвинение дека наводно планирале да нападнат војници во армиската база Форт Дикс.

Портпарол на Канцеларијата на американскиот обвинител вели дека четворица од обвинетите биле родени во поранешна Југославија, еден во Јордан, и еден во Турција.

Американски официјални лица велат дека шесторицата планирале да влезат во армиската база и да убијат што е можно повеќе војници. Тие биле уапсени синоќа откако се обиделе да купат автоматско оружје од продавач кој тајно соработувал со федералните власти. Во истрагата заедно учествувале федералните и локалните власти.

Според официјални лица, уапсените го планирале и увежбувале нападот со месеци. Тие велат дека поголемиот дел од нив биле во САД подолго време, како и дека некои од нив се американски граѓани, а некои илегални имигранти.

Локалниот весник Стар-леџер објави дека уапсените ги снимиле своите бежби и направиле грешка кога снимката ја однеле во продавница за да направат копија на це-де. Според весникот, вработен во продавницата веднаш го известил Федералното истражно биро.

XS
SM
MD
LG