Линкови за пристапност

Британската кралица во Белата Куќа


Кралицата чекореше по црвен тепих поставен за неа во Белата Куќа. Оркестри свиреа, армиски единици поздравуваа, и седум илјади луѓе го наполнија јужниот тревник на Белата Куќа – сето како дел од спектаклот по повод пристигнувањето на британскиот монарх.


Претседателот Буш е лидер познат како љубител на неформални собирања. Но, на овој ден, немаше ништо неформално – од стриктен протокол при пристигнувањето со поздрав со 21 истрел од пушки, па до државна вечера со задолжителна бела вратоврска.

Ова сино утро со свеж ветрец претседателот и кралицата стоеја заедно пред знамињата на двете држави, симболи на пријателството меѓу САД и Велика Британија. Претседателот Буш зборуваше за сочувствувањето и определбата на кралицата за време на нивната заедничка борба против тероризмот и екстремизмот на Блискиот исток.


"Го почитувам вашето лидерство во овие времиња на опасност и одлука. Зборувавте против екстремизмот и теророт. Охрабрувавте верска толеранција и помирување. Им оддадовте почит на оние кои се вратија од борба и им пружавте утеха на семејствата на паднатите", рече претседателот Буш во поздравните зборови.

Но, и покрај споменувањето на војната, вниманието остана насочено на 81-годишната кралица, која зборуваше јасно и со воедначен тон. "Во Вашингтон, имаме можност да ја потврдиме цврстината на нашиот однос“, рече таа. „Јас ќе уживам не само во обновувањето на старите познанства и создавање нови, туку и во потврдувањето на нашето пријателство кое трае толку долго."

Вашингтон е последната станица на шестдневната посета на кралицата Елизабета и нејзиниот сопруг Филип на САД. Тие го започнаа патувањето во соседната држава Вирџинија каде го посетија Џејмстаун, што ја одбележа 400та годишнина од воспоставувањето како прва постојана населба на Британците во Америка.

XS
SM
MD
LG