Линкови за пристапност

Претседателот Буш стави вето на мерката која предвидува повлекување на силите од Ирак


Синоќа претседателот Буш постапи како и што најавуваше и стави вето на мерката за воени трошоци тешка 124 милијарди долари, на која конгресните претставници прикачија барање американските сили до 1-ви октомври да започнат да се повлекуваат од Ирак. Претседателот за ветото вели:

-Верувам дека поставувањето рок за повлекување ќе го деморализира ирачкиот народ, ќе охрабри убијци ширум Блискиот Исток и ќе сигнализира дека САД не ги одржуваат ветувањата. Поставување рок за повлекување е задавање на датум за неуспех. Тоа е неодговорно.

Тој ги повика конгресните претставници од обете партии на состанок за да изготват нова предлог-мерка.

Демократската претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси со задоволство ја прифаќа средбата но вели:

-Претседателот сака бланко чек. Конгресот нема да му го даде.

Демократите немаат доволно гласови за да го побијат ветото на претседателот, но се потпираат на се` поголемото незадоволство во јавноста од ирачката војна. Сенатот Хари Рид изјави:

-Претседателот греши доколку мисли дека со ветото ќе не` сопре да работиме на промена на насоката на ирачката војна.

Ветото доаѓа на четвртата годишнина од говорот на претседателот познат по мотото „Мисијата е исполнета“, што го одржа на носач на авиони и кога објави дека “главните борбени операции во Ирак завршиле“. Оттогаш во војната загинаа десетици илјади Ирачани и преку три илјади американски војници.

XS
SM
MD
LG