Линкови за пристапност

Конгресот бара повлекување од Ирак до 2008-ма, претседателот Буш се закани со вето 


Американскиот сенат, како и Претставничкиот дом пред него во средата, синоќа ја усвои компромисната предлог-мерка што одобрува воени трошоци во Ирак и Авганистан како што побара претседателот Буш, но истовремено задава цел за повлекување на американските сили од Ирак на почетокот на наредната година. Поради таквата одредба, претседателот Буш најави дека ќе стави вето веднаш кога мерката ќе се најде на негова маса.

Сенатот, каде тесно мнозинство имаат демократите, во најголем дел гласаше по партиска линија. Мерката предвидува 95 милијарди долари за финансирање на американските армиски операции во Ирак и Авганистан до 30 септември. Но, таа повикува и на повлекување од Ирак со почеток во октомври, па и порано, доколку претседателот Буш утврди дека Ирачаните ги исполниле задачите како разоружување на милициите и дооформување на владата на национално единство. Во неа е поставен необврзувачки рок за комплетирање на повлекувањето на борбените сили до 1-ви април наредната година.

Конгресот ја изгласа мерката и покрај заканата од претседателот со вето, како и молбата лично од главниот американски командант во Ирак, генералот Дејвид Петреус, да се даде повеќе време на тековната операција на зголемување на американските сили во Ирак да покаже резултати.

Сенаторите републиканци како Третнт Лот од Мисисипи тврдат дека мерката упатува погрешен сигнал:

-На непријателот му велиме – почекајте само неколку месеци, и ова место е ваше. Ова е погрешна порака, во погрешно време.

Сенаторот Џон Ворнер од Вирџинија, највисокиот по ранг републиканец во Сенатската комисија за оружени служби, е загрижен за влијанието што крајниот рок за повлекување би го имал врз армиската мисија во Ирак:

-Мерката создава непотребен притисок во користењето на нашата храбра армија, заедно со нашите сојузници, како и ирачката армија, кои покажаа храбро однесување напоредно со нашите сили.

Но, демократите тврдат дека тие само постапуваат според барањето на Американците, согласно анкетите на јавното мислење што покажуваат резултати во полза на поставување рок за повлекување.

Ова е демократскиот сенатор од Масачусетс Тед Кенеди:

-Претседателот Буш би требало да го слуша американскиот народ и да соработува со Конгресот на привршување на оваа трагична војна. Наместо да продолжи да пркоси на волјата на народот и Конгресот, заканувајќи се со вето, тој треба да ги извести Ирачаните. Мора јасно да и` каже на ирачката влада дека е време самата да преземе одговорност за земјата и да ги разреши политичките разлики. Американската армија нема бесконечно да се справува со ирачката граѓанска војна.

По очекуваното вето од претседателот, законодавците ќе треба да ја преработат мерката, со оглед на тоа што во обата дома на Конгресот нема двотретинско мнозинство за да се надмине ветото.

XS
SM
MD
LG