Линкови за пристапност

НАСА ќе ги истражува мистериозните облаци над поларните региони


Леталото Ејм без човечки екипаж треба да биде лансирано во среда од армиска база во Калифорнија. Тоа ќе ги истражи мистериозните облаци над поларните региони на Земјата, што може да се видат и со голо око на ноќното небо. Тие го фасцинирале Џејмс Расел, главниот истражувач во проектот.

-По првпат ги видов кога бев на конференција во Шведска, во Стокхолм. Мошне интересни, убави, сини и бели, боите се прелеваат. Ви ја окупираат имагинацијата.

Малку се знае за нив и за областа каде се наоѓаат – мезосфера – на 80 километри од земјината површина. Но, едно е сигурно – облаците започнаа да се менуваат.

-Се менуваат на начин што не го разбираме. Ги има се` повеќе, ги забележуваме на помала височина и посветли се од кога и да е` порано.

Некои научници веруваат дека тоа е резултат на климатските промени предизвикани од човекот.

-Едно од толкувањата е дека таложењето на јаглерод диоксид во пониските слоеви на атмосферата се проширило и на повисоките и резултира во ладење на атмосферата. Потребна е ниска температура во услови на така низок притисок да се формираат вакви облаци и можна е врската - глобалните промени на земјината површина да предизвикале глобални промени во високата атмосфера.

Инструментите на леталото Ејм ќе ја набљудуваат формата на облаците, ќе го мерат нивниот состав, како и атмосферските услови за нивно создавање. Научниците сакаат да разберат зошто се формираат облаци од мраз на височина каде е стопати посуво отколку во пустините на Земјата, и зошто дошло до промени во нивната бројност, изглед и позиција.

XS
SM
MD
LG