Линкови за пристапност

Почина поранешниот руски претседател Борис Јелцин


Портпарол на Кремљ ја објави веста за починувањето на Јелцин во време кога многумина Руси се враќаа дома од работа.

Меѓу првите реагираше поранешниот советски претедател Михаил Горбачов, кого Јелцин го замени во 1991-ва година. Тој кажа дека Јелцин направил многу за Русија, иако, како што додаде, направил и сериозни грешки.

Поранешниот премиер Сергеј Степашин му оддаде признание дека спречил граѓанска војна во Русија и дека го ризикувал својот живот и кариера, кога се искачи на тенк пред Руската Бела куќа во знак на отпор против обидот за советски воен удар во август 1991-ва година.

-Степашин ги повика Русите да се припомнат на добрата работа што ја заврши Јелцин – работа што ја доведе Русија до тоа да ја прифати демократијата и слободното пазарно општество.

Но, Виктор Кременјук од Американско-кандскиот институт за Гласот на Америка изјави дека за мнозинството Руси, смртта на Јелцин ќе мине пратично незабележано.

-Можеби ќе има некое ритуално присеќавање и понекоја чаша вотка, но, освен тоа, мислам дека луѓето нема зошто да се сеќаваат на него. Неговото владеење е поврзано со неред, фаворитизам и драстични потези што не доведоа до некаде. Гранатирањето на Парламентот, војната во Чеченија, економската криза од 1998-ма – сето ова не донесе никакво олеснување на луѓето во нивните животи.

Па сепак, Кременјук му оддава признание на Јелцин за изборот на тогаш непознатиот Владимир Путин за негов наследник на функцијата претседател, кога на драматичен начин кон крајот на 1999-та, на прагот на новата година, реши да се повлече. Кременјук вели дека таа одлука се покажала популарна меѓу Русите.

Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс, кој вчера беше во посета на Москва и каде се сретна со претседателот Владимир Путин, упати сочуство до рускиот народ и оцени дека Јелцин бил важна фигура во историјата.

XS
SM
MD
LG