Со реторика што со секој изминат ден станува се повжештена претседателот Буш влезе во вербално препукување со лидерот на мнозинството во Сенатот Хари Рид, кој останува определен на претседателот Буш да му се испрати предлог-закон за финансирање со одредени датуми за повлекување на најголем дел од трупите од Ирак.
Рид објави извадоци од говорот во кој го обвинува претседателот дека е во состојба на негирање во врска со Ирак, и кажа дека Конгресот предводен од Демократите ќе му го покаже патот кон нова стратегија за земјата.
По средба со командантот на ирачката војна, генералот Дејвид Петреус, господинот Буш му одговори на сенаторот: „Силно верувам дека политичарите во Вашингтон не треба да им кажуваат на генералите како да си ја вршат работа.“
Претседателот повтори дека поставувањето датум на повлекувањето за американските армиски сили од Ирак би било катастрофално за двете држави.
„Ветачки рок за повлекување на непријателот ќе му каже „само почекајте да заминат“. На Ирачаните, пак, ќе им каже: „не правете ништо тешко за постигнување на нашите цели“, и тоа ќе биде обесхрабрувачко за нашите трупи“, рече претседателот.
Господинот Буш призна дека Ирак продолжува да биде место на, како што рече, ужасно насилство. Но тој инсистираше дека тековното зголемување на бројот на американските трупи во Ирак покажува некои знаци на напредок во смирување на секташката борба и дека на ирачката влада и дава, како што рече, "простор за дишење" за консолидирање на демократското владеење.
На ова тврдење жестоко се противат многумина Демократи, кои велат дека напливот на трупи само ја продлабочува стратегијата која веќе се покажала неуспешна. Демократите како сенаторот Рид велат дека Ирак очајнички има потреба од политичко решение меѓу завојуваните фракции, но дека можноста за компромис е помала ако се верува дека американските сили ќе останат за неодредено време.
Претседателот Буш вети дека ќе стави вето на секој предлог-закон за финансирање што содржи рок за повлекување. Пентагон вели дека итно е потребна инфузија од нови средства за да се продолжат операциите и во Ирак и во Авганистан.