Линкови за пристапност

По масакрот во Вирџинија Тек – како да се спречи вакво насилство во иднина?


Претседателот Буш во вторникот беше заедно со студентите, професорите и жителите на Блексбург, на комеморација за убиените на Универзитетот Вирџинија Тек:

- Во ваква ситуација може да најдеме утеха во милоста и пораките на сељубивиот Бог. Како што ни порачува Светото писмо, злото да не не` надвладее, туку да го совладаме со добро.

Студентите на универзитетот се уште се во шок. Еден од нив вели:

- Закана е една работа. Но, ова е реално, и, искрено, стравувам, затоа што треба да се вратам на универзитетот за да го завршам семестарот.

Портпаролот на универзитетот го опиша убиецот - студентот Чо Сенг Хуи како самотник. Негов соученик, кој ни го даде само своето име, Џастин, се присеќава:

- Го видов неколкупати во универзитетскиот комплекс. Беше навистина тивок, и мислам дека го немам видено со некого друг.

Друг соученик за корејската редакција на Гласот на Америка кажа дека Џо дури избегнувал да ги гледа другите во очи, и одбивал да одговори на прашања од професорите.

Масакрот предизвика универзитетите ширум САД уште еднаш да поразмислат за безбедносните мерки.

Едвард Дејвис е полициски комесар во Бостон, сојузната држава Масачусетс, каде се лоцирани неколку прочуени универзитети:

- Важно е да дискутираме за ова прашање и да разгледаме кои се најдобрите мерки - дали треба нешто да промениме.

Повторно се разгори и дебатата за контрола врз огненото оружје, за што постојат поделени мислења.

Поборниците за контрола тврдат дека законите треба да бидат построги за да се избегнат слични инциденти во иднина. Денис Хениган е од невладиниот Центар Брејди за спречување на насилството со огнено оружје:

- Појдовме во спротивна насока. Владеат пасивност и закоравени ставови за ова прашање. Крајно време е националните лидери да го чујат повикот на Американците - со логични мерки да се запре ваквиот вид на насилство.

Националното здружение за огнено оружје, една од водечките организации кои го поддржуваат правото на носење на оружје, на својата Интернет страница издаде соопштение со изрази на сочувство до семејствата на загинатите, додавајќи дека нема дополнителен коментар се` додека не бидат расветлени сите поединости за инцидентот. Друга организација за оружјето соопшти дека Американците треба да имаат право да носат оружје и да го употребат во самоодбрана.

XS
SM
MD
LG