Шефот на полицијата на Универзитетот, Вендел Флинчум соопшти дека напаѓачот Чо Санг Хуи живеел во универзитетскиот комплекс и бил студент на четврта година на катедрата за англиска книжевност. Тој нападнал на двапати, на одвоени локации.
„Пронајдени се 9-милимитарски пиштол и 22-калибарски пиштол. Лабораториските тестови потврдија дека едно од двете оружја било употребено во обата напада“
Претставници на Универзитетот Вирџинија Тек го опишуваат напаѓачот како самотник и велат дека тешко може да се најдат информации за него.
Еден негов соученик, Пол Ким, за корејската редакција на Гласот на Америка изјави дека Чо бил „навистина тивок“. Ким кажа и дека Чо постојано гледал во земјата и одбивал да одговори кога професорот му се обраќал.
Чо е родум од Јужна Кореја. Тој законски престојувал во САД од 1992-ра година. Освен во студентскиот дом, Чо живеел и во предградието на главниот град Вашингтон.
Властите нашле порака што Чо ја оставил во својата соба во студентскиот дом, но сепак велат дека не знаат што го мотивирало да направи масакар а потоа да дигне рака и на себе.
Весникот Вашингтон пост цитира очевидец кој вели дека Чо отворал оган со сериозен и смирен израз на лицето. Властите велат дека е логично да се претпостави оти тој бил единствениот напаѓач, но се уште се проверува дали имал помош од други лица. Според медицински извори, за целосно идентификување на жртвите можеби ќе бидат потребни неколку дена.
Еден од студентите на Вирџинија Тек вели:
„Сите сме во шок, мислам дека се` уште не сме целосно свесни за она што се случи. Вчера беше долг ден“.
Гувернерот на сојузната држава Вирџинија, Тим Кејн кој беше во официјална посета на Јапонија кога се случи нападот, итно се врати во САД. Претседателот Буш вчера присуствуваше на комеморацијата на Универзитетот. Целата нација е шокирана и во жалост, вели првиот човек на САД:
„Нашата земја жали со оние кои загубија најблиски во Вирџинија Тек. Жртвите ги носиме во нашите срца, се молиме за нив и бараме од Бога да ги утеши оние кои тагуваат“.
На Капитол хил законодавците од обата дома со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите.