Линкови за пристапност

Светски ден на здравјето - Светската здравствена организација предупредува на глобалните закани


Глобализацијата донесе многу поволности - но и многу ризици. Здравствените се едни од најопасните. Според СЗО, избивањето на нови и погодни за епидемија болести е една од најдиректните закани по глобалното здравје. Генералниот директор Маргарет Чен коментира дека сите земји се изложени на ризик. Во денешниот свет на висока поврзаност, болестите брзо се шират и не познаваат граници. Оттаму, заклучува Чен, соработката е од клучно значење:

„Почнавме да увидуваме дека, во извесна смисла, ниту една институтција, организација или земја самата не може да се справи со итна ситуација или меѓународен проблем по јавното здравје.

СЗО наведува дека за разлика од порано, болестите денес избиваат во досега незабележани размери. Еболата, СИДА-та, новите форми на колерата и менингитисот, како и птичјиот грип, однесоа стотици илјади човечки животи.

Доктор Чен наведува дека подобрата соработка меѓу земјите донела позитивни резултати во глобалниот одговор на птичјиот грип, на пример.

СЗО предупредува дека заканите по јавното здравје имаат и економски последици. Од таканаречениот тежок акутен респираторен синдром, или САРС, што се појави пред неколку години, заболеа нешто под 10 илјади лица. Само во вториот квартал на 2003-та, епидемијата на САРС ги чинеше азиските земји 60 милијарди долари. Затоа, СЗО предупредува – земјите мора координирано да преземат мерки на предострожност пред болестите во светот денес да станат – меѓународна закана.

XS
SM
MD
LG