Линкови за пристапност

По четири години - Ирачаните фрустрирани од војната


Дваесет и шестгодишен берберин, кој ќе го наречеме само Џорџ, е Христијанин од градот Мосул. Тој и сите други интервјуирани за овој прилог побараа да бидат именувани со псевдоними бидејќи се плашат за својата безбедност и безбедноста на нивното семејство.

Џорџ вели дека пред три недели татко му бил киднапиран. Семејството позајмило 40 илјади долари од роднини и пријатели да ја плати откупнината што ја барале киднаперите. Татко му бил пуштен неколку дена подоцна. Целото негово семејство потоа заминало од Мосул.

За жал, приказната на Џорџ не е единствена. Киднапирањето стана најголема криминална индустрија во Ирак од инвазијата предводена од САД во март 2003, кога многумина беа оптимисти дека ситуацијата во земјата ќе се подобри.

Изморени од војната, Ирачаните велат дека никогаш не помислувале дека нивните животи може да бидат полоши отколку во времето на репресивниот режим на Садам Хусеин, годините на војна со Иран и под санкциите на ОН. Но, секојдневното киднапирање и терористички и секташки напади во кои се убиени десетици илјади Ирачани, ги замениле старите ужаси со нови.

Истражување спроведено од весникот ЈуЕсЕј Тудеј, ЕјБиСи Њуз и БиБиСи најде дека шестмина од десет Ирачани сега велат дека нивниот живот е лош. Само еден на тројца очекува работите да се подобрат следната година.

Катаб, 26-годишен сунитски учител од Багдад, вели дека ситуацијата таму се променила од лоша во полоша.

И тој исто така живее во секојдневен страв од киднапирање и секташки убиства.

Неговиот татко бил убиен од огнено оружје, а во 2005 Катаб бил киднапиран и држен два месеци. Откако неговото семејство платило откупнина, тој пребегал во соседна Сирија и во Јордан. Се вратил во Ирак пред три месеци, населувајќи се во ирачки Курдистан, каде немало бомбашки напади за повеќе од година ипол.

Катаб вели, "ако владините претставници во Багдад имаат по 100 чувари и сепак не можат да се заштитат себе си, како ќе не заштитат нас?"

Некои луѓе како Абу Карем, Курд кој живеел во Багдад најголем дел од животот и овде се преселил пред два месеци се надева дека неодамнешниот наплив на американски трупи во Багдад и во немирната западна провинција ал-Анбар ќе придонесе безбедносната ситуација да се стави под контрола.

Во јануари 2005, милиони Ирачани не осврнувајќи се на терористичките закани гласаа на националните избори. Многумина денес се разочарани во владата што ја избраа.

Џорџ, младиот берберин од Мосул, вели дека сегашната ирачка влада единствено ги претставува Шиитите во земјата. Тој вели дека на Ирак му треба нова влада, која ќе ги претставува сите Ирачани.

ОН проценуваат дека околу два милиони Ирачани се раселени по инвазијата. Многумина заминале во Сирија или Јордан. Меѓу пребеганите има многу од ирачката интелектуална и професионална елита.

Има фрустрација и со бавното темпо на реконструкција, која беше парализирана заради недостигот на безбедност, вода, гориво и други основни средства за таа да тече.

Но, и покрај тешкотиите и опасноста многумина Ирачани велат дека не сакат да ја напуштат земјата. Тие исто така велат дека не сакаат да ја видат нивната држава поделена во одвоени региони во кои живеат Шиити, Сунити или Курди.

XS
SM
MD
LG