Во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон беше анализиран предлогот на пратеникот на ОН Марти Ахтисари за идниот статус на Косово. За тоа дискутираа Сорен Јесен-Петерсен, поранешен специјален претставник на ОН на Косово и Стивен Маер, експерт од Националниот универзитет за одбрана. Таму беше Јане Бојаџиевски.
За Јесен-Петерсен, преговорите меѓу Приштина и Белград во Виена беа успешни, и покрај критиките за неуспехот дека обете страни не го премостиле јазот. Сепак, не беше решено главното прашање – како да се заштити малцинството и српското културно богатство, шанса, што според него, Белград ја пропушти поради тоа што фокусираше на статусот.
Предлогот за конечниот статус на Ахтисари е реалистичен пристап, што извлече максимум од обете страни, рече поранешниот специјален претставник на ОН, иако призна дека ќе биде тешко да се имплементира во реалноста:
Предлогот е компромис, тука нема сомневања. Во него не се споменува зборот независност, иако не би исклучил, дека кога ќе го претстави во ОН, исходот ќе биде попрецизно дефиниран. Не знам, но затоа знаеме дека предлогот на Ахтисари јасно сугерира надгледувана независност.
Спроти презентирањето на предлогот во Советот за безбедност, Петерсен предупреди на четири опасности во процесот: одложување на конечното решение, поделба во меѓународната заедница, во Контакт-групата и ЕУ околу исходот, дестабилизирање на Косово и регионот, како и дискредитирање на Ахтисари од некои белградски политичари. Тој смета дека поделбата на Косово ќе биде кастрофална ситуација за регионот и неуспех за сите.
Експертот за Балканот, Стивен Маер од Националниот Универзитет за одбрана ја спомена и нејасната улога на Русија во Советот за безбедност и можноста да стави вето за предлогот на финскиот дипломат, поради стравувањето дека отцепувањето на Косово од Србија ќе предизвика и домино-ефект во Јужна Осетија, Абхазија и Чеченија...